Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Наредба на Тодор Александров од 22 август 1922 година

„Слобода или смрт“
В.М.Р.О.
№ 303
Македонија
22 август 1922 г.

Окружно. Тајно
До водачите на окрузите
и до нелегалните групи
ВО МАКЕДОНИЈА.


Централниот Комитет на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, откако ги зеде во предвид:

1. Декларациите на бугарската влада од 1919 год., дека за создавањето на автономна Македонија таа е готова да го отстапи делот од неа кој остана во пределите на царството Бугарија;

2. Дека истата година бугарската влада предложи плебисцит над сите свои покраини, врз коишто изјавуваат претензии соседите на Бугарија, молејќи тој да се простре и над Македонија, Тракија и Добруџа;

3. Дека населението од останатиот дел од Македонија под бугарска власт се изјасни на јасен начин, дека тоа претпочита да влезе во составот на автономна Македонија, штом таа ќе биде создадена и

4. Дека тоа население по право и долг, како и во исполнување на дадената клетва пред Организацијата во минатото, не може да не ги потпомага морално и материјално борбите за слобода на своите браќа од поробена Македонија,

РЕШИ: Да се возобнови и преустрои Организацијата во тој крај, како филијала на ВМРО, со следните цели:

1. Да ја потпомага морално и материјално ВМРО во поробените делови од Македонија под Србија и Грција;

2. Да ги отстранува сите пречки за успехот на организацијата, и тоа уништување на разбојништвото, шверцот и шпионажата, казнување на кратците, изнудувачите, рушветчиите и зулумџиите чиновници и сл.

3. Да им дава прием и помош за најдување на работа на качаците и бегалците од Македонија под српско и грчко ропство, кои се вратиле на одмор или за работа, како и да содејствува за враќање во родните места на тие што тоа го посакуваат;

4. Да се ублажат партиските борби таму до степен да не бидат штетни за каузата на бесправниот човек;

5. Да ги потпомага законски установените власти за зајакнување на редот и законитоста, во тој, до скоро, најнемирен крај во царството Бугарија;

6. Да уреди и таму милиции за засилување на заштитата на селата и границата против напади од крадци, шверцери, разбојнички банди, наши и туѓи и др. под.

Помошната организација во тие краеви, како и македонската рев. Организација е самостојна и непартиска; таа не се меша во внатрешните борби на царството Бугарија, ниту зема страна во партиските борби таму. Ако, меѓутоа, биде засегната или предизвикана од личности и групи, без разлика какви убедувања имаат тие, Организацијата лично ќе се расправи со нив, согласно правилникот и нејзините традиции.

Со многу срдечни поздрави,
Чл. во Ц.К. на В.М.Р.О.
(п) Т. Александров

<<Назад | Почеток

granicnik